
Преминот на Кина кон т.н. нови енергетски возила (НЕВ) се забрза во октомври, при што тие сочинуваат речиси две третини од продадените нови автомобили, покажаа податоците од индустријата. Според Кинеската асоцијација на производители на автомобили (ЦААМ), НЕВ-возилата учествувале со 64,3 отсто во продажбата на нови автомобили минатиот месец, што е пораст од 61,6 отсто во септември, додека кумулативниот удел за првите 10 месеци се искачи на 54,8 отсто.
Извозот на возила на нова енергија забележа скок од околу 140 отсто на годишно ниво, достигнувајќи 606.000 единици во октомври, со што петти месец едноподруго сочинуваат повеќе од половина од вкупниот извоз на автомобили од Кина. Во октомври, производството и продажбата на НЕВ-возила – категорија што опфаќа електрични возила на батерии, приклучни хибриди (plug-in hybrids) и возила на горивни ќелии – достигнаа околу 2,02 милиони, односно 1,94 милион единици, што претставува пораст од над 13 отсто на годишно ниво за двете категории.
Меѓу патничките НЕВ-возила, моделите со цена меѓу 100.000 јуани (околу 14.883 американски долари) и 150.000 јуани го сочинуваа најголемиот дел од продажбата во периодот јануари-октомври. Според податоците на ЦААМ, продажбата во овој ценовен опсег се зголемила за 14,5 отсто на годишно ниво, достигнувајќи речиси 3,14 милиони единици.
Трендот се прошири и на комерцијалните возила, вклучувајќи камиони и автобуси. Во октомври, НЕВ-возилата учествуваа со 51,9 отсто во домашната продажба на комерцијални возила, при што домашната продажба на вакви возила порасна за 36 отсто на годишно ниво, достигнувајќи 112.000 единици.
Што се однесува до извозот, вкупниот извоз на возила од Кина во октомври се зголеми за 60,2 отсто на годишно ниво, достигнувајќи речиси 1,07 милион единици, со што петти месец по ред останува над границата од еден милион единици. Во првите 10 месеци, извозот на НЕВ-возила се зголеми за 130 проценти на 4,61 милиони единици, што веќе ги надмина оние 2,615 милиони испратени во странство во целата 2025 година.
The post НЕВ-возилата го зајакнуваат присуството на кинескиот пазар appeared first on Нова Македонија.






