
Открив крајно блесава информација – до пред само неколку месеци, ударната тројка на моќта во Србија се состоела од: Вучиќ – претседател, Вучевиќ – премиер и Вучиќевиќ – главен и одговорен уредник. Што е бре ова – српски ВУКатив, компаратив и суперлатив? Додуша и македонската политичка сцена не е поарна. Се сеќавате на министрите за одбрана Пауновски, Еленовски и Коњановски? Веднаш ми доаѓа на Медведев да му предложам да го преземе Министерството за одбрана. Не!!! Медведев е политички некоректен – Снуп Дог е вистинското решение што сакав да го предложам.
Русјаков, добро си?
Не!!! Одлепив. Мојот измрцварен ум ја прифати блесавоста како удобна фотелја во која може да се опушти и да си пуфка цигара додека стварноста сосема полудува. Поттикнат од еден натпис, малку ја драпав вештачката интелигенција со блесави прашања, па дознав дека Русите преку свои тролови намерно ширеле антиваксерска кампања низ Западот – посебно за време на ковид-пандемијата – и на крајот им се вратило тоа како бумеранг, што ми е крајно небитно, ама затоа заклучив – екстремното консумирање руска книжевност ме доведе до умствена и емотивна состојба што одбива да се ожени и размножи само за да не ги вакцинира децата.
И како што вообичаено бидува – и без да сакам – продолжив да копам по мрежата, па прочитав дека оној психопат што направи масакр среде Краков бил радикален десничар – така кажал министерот за внатрешни работи, иако полското обвинителство не сака да се истрчува со слични квалификации, ама битен е наративот – демек ако се задоиш со десначарска идеологија, најверојатно си тргнат да станеш психопат. И што да прави сега човештвото со луѓе што се трескаат по левичарење, откако историјата ни ја разубавија ликови како Хитлер, Мусолини и Сталин? А што да правиме со ремек-делото на Селинџер, „Ловец во ‘ржта“, откако светот дозна дека Марк Дејвид Чепмен – убиецот на Џон Ленон – се поистоветувал со Холден Колфилд, главниот лик во романот? Не знам како не е јасно дека психопат е психопат – на ѕверство може да го инспирираат и хероите на Волт Дизни. Јас, на пример, секогаш сум се чувствувал како десничар со две леви нозе, ама јавноста, без да сакам – поради изгледот – уште од најрано детство ме смести во центарот (на своето внимание), иако науката ми докажа дека сум слободен радикал – нестабилен молекул чии забегани електрони, кои сакаат, ама не можат да се спарат, мораат да крадат од здравото ткиво и така само наштетуваат – значи ФАК, ФАК, ФАК!
А не дека не ми е удобно – јас ненормален, ама и стварноста предводена од политиката – уште поненормална. Видете што се случува во нашава западна нордистанска губернија – суштината што нè опкружува. Имаме килава вмроовска опозиција што не може да се носи со политиките и проектите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Не, нема грешка во реченицата – Филипче политички ни се претстави како вмроовски заменик-министер за здравство во владата на Груевски, а Апасиев, во левицата, во шарена револуција и во прегратките на СЈО, долета од УМС на ВМРО-ДПМНЕ. Сакате уште поблесави факти? Фрчковски ја започна антиквизацијата, а Мирослав Грчев е идеен татко на „Скопје 2014“. Знам дека ви звучи ненормално, ама кога интелектуалната бижутерија на граѓанството луѓенца, сама себе се рекламира како авангарда, тогаш може и ДУИ да бидат марксистичко-ленинистичка герила што драпа муабети за демократија, екологија и вредности на Европската Унија.
А кога сме кај ЕУ, нејзината прва дама и моја симпатија Урси имаше средба со европските вредности на бугарската политика, и тоа среде Варна, кај военопоморската академија „Никола Јонков Вапцаров“. Боже ме прости, дале име на поет на воена институција – Вапцаров – стрелан од бугарските нацисти за кои нивната историја тврди дека не постоеле – Бугарите велат дека не бил Македонец, бидејќи Македонци за нив не постојат што, пак, Брисел како соучесник во грчката и бугарската антимакедонската идентитетска геноцидна политика – го поддржува. Значи мојата Урси беше мавана со јајца, патлиџани и пиперки од приврзаници на партијата Вазраждане, која има три пратеника во европскиот парламент каде што заедно со Фон дер Лајен ги споделуваат врвните европски вредности, кои велат – започнувајќи од Лисабонската декларација – држава со име Македонија не смее да има, а за македонизмот нема место во цивилизираната Европска Унија, која страсно ги љуби нацивредностите на Грција и Бугарија. Се надевам дека Урси крај себе ја имала и Марта Кос, која сигурно ѝ шепнала – не се плаши, Бугарите фрлаат по тебе со јајца, патлиџани и пиперки, не затоа што те мразат, тоа се состојки од кои тие прават традиционална летна манџа, за разлика од оние невоспитани и нецивилизирани вона би Македонци, кои ги украле своите полнети пиперки од персиската кујна како што крадат грчка и бугарска историја, ама ако сакаат да влезат кај нас, хехехе, ние ќе ги размакедончиме.
Муабетов за ЕУ повторно ме враќа низ блесавите релјефи на одлепената Македонија. По „атомската бомба“ што крена налудничава печурка како ЛСД-халуцинација – дека Алта (банка) е скратеница од Александар и Тамара (Вучиќ), мора и јас да се надоврзам – кога власта ќе признае дека, освен црни руски пари, во трезорите на банката се кријат и мигрантите увезени од Британија? СДСМ очајно бара причина за масовни протести – јас не знам зошто не го изнесе народот на улица против диктатурата на ВМРО-ДПМНЕ што во Нивици го смени името на Македонија. Како поддршка може да го земат невладиниот сектор, кој седум години беше дел од нивната власт, ама сега како опозиција – конечно почна да излегува на улица – уште да се приклучат студентите на кои владата не сака да им обезбеди европски плати затоа што студираат и може да почнеме да сурфаме по северните бранови на слободата. А доколку власта дозволи повторно да ѝ се случи шарена приказна, секогаш има можност да ја обвини Русија околу која, пак, може да се исплете исто така блесава логика – ако Радев и неговата Бугарија се тројански коњ на Кремљ, а ЕУ упорно ја поддржува бугарската страна во специјалната војна против Македонија, тогаш Унијата е филијала на Путин и неговите влијанија. Битно сите во губернијава дрочат дека ако не станеме членка на ЕУ, ќе ни се отсели младината и никого мува не го лази – ама никого – сите кимаат со главите, иако фактите и бројките велат дека по влез во Унијата, секоја новопримена членка останала без половина население.
The post Дали ЕУ е тројанскиот коњ на Русија во војната на Бугарија против Македонија? appeared first on Нова Македонија.






