Мнозинско „не“ за францускиот предлог и доминација на мејнстримот наспроти спротивните малцински ставови

  • Францускиот предлог за надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија, според истражување на јавното мислење спроведено од три независни агенции,не успеал да обезбеди поширока општествена поддршка. Имено, наспроти 23,8 отсто од граѓаните што го поддржуваат, дури 56,7 отсто се ПРОТИВ него.Одредена противтежа на убедливото мнозинство против францускиот предлог претставуваат дел од анкетираните Албанци, како и поединечни ставови кај младите наспроти повозрасните и во урбаните наспроти руралните средини, но без значително влијание врз вкупниот резултат. Податоците од истражувањето
    спроведено врз примерок од 1.218 испитаници откриваат општество во кое европската перспектива, националните интереси и односите со Бугарија се доживуваат со претежно унисоно мислење, но со присутни различни политички и идентитетски искуства, кои, секако треба да се земат предвид
  • Секое политичко раководство што би се повикувало на широка општествена поддршка за таканаречениот француски предлог, би морало да се соочи со
    фактот дека последното истражување на јавното мислење на оваа основа покажува сосема поинаква слика. Но, истовремено, не треба да се направи грешка и од негативниот став кон конкретниот француски предлог автоматски да се изведе заклучок дека мнозинството граѓани се против европската интеграција. Прашањето се однесува на конкретно политичко решение за билатералниот спор во контекст на евроинтеграциите на Македонија, а не на членството во ЕУ како стратешка определба

Таканаречениот француски предлог за надминување на бугарското вето НЕ успеал да добие легитимитет кај мнозинството граѓани во Македонија, што претставува прв и најсилен заклучок од последното истражување на јавното мислење што беше актуализирано оваа недела на брифингот на премиерот Христијан Мицоски со новинарите. Тој на брифингот сподели податок дека „над 80 отсто од граѓаните од македонска националност се против спроведување на уставните измени“, до кој е дојдено во испитување на јавното мислење иницирано од неговата матична партија. За да дадеме поширок контекст на истражувањето, во функција за сеопфатно информирање на јавноста, редакцијата на „Нова Македонија“ побара увид во истражувањето спроведено од три независни агенции и обрна посебно внимание на податоците поврзани со францускиот предлог. Генералниот заклучок е дека граѓаните НЕ се против европските интеграции, туку СЕ ПРОТИВАТ на понуденото надворешно решение за билатералниот спор со Бугарија.
На прашањето дали го поддржуваат или не го поддржуваат предлогот за надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија, 56,7 отсто од испитаниците одговориле негативно, додека само 23,8 отсто изразиле поддршка. Дополнителни 19,5 отсто не дале одговор.
Разликата меѓу противниците и поддржувачите изнесува 32,9 процентни поени. Тоа не е маргинално отстапување, ниту резултат што може да се објасни со мала разлика во политичките расположенија. Станува збор за јасно изразена доминација на негативниот став и расположение меѓу граѓаните во Македонија за „францускиот предлог“.
Особено е важно што речиси секој четврти испитаник се определил за поддршка на предлогот, додека повеќе од секој втор го отфрла францускиот предлог. Со други зборови, предлогот не успеал да стане „заедничка платформа околу која би можеле да се обединат различните општествени и политички сегменти“.
Ако се издвојат само испитаниците што имаат определен став, без оние 19,5 отсто што не одговориле, односот станува уште поизразен: приближно 70,4 отсто од граѓаните со определено мислење се против предлогот, наспроти 29,6 отсто што го поддржуваат. Ова е значајна политичка порака. Секое политичко раководство што би се повикувало на широка општествена поддршка за таканаречениот француски предлог, би морало да се соочи со фактот дека последното истражување на јавното мислење на оваа основа покажува сосема поинаква слика. Но, истовремено, не треба да се направи грешка и од негативниот став кон конкретниот француски предлог автоматски да се изведе заклучок дека мнозинството граѓани се против европската интеграција. Прашањето се однесува на конкретно политичко решение за билатералниот спор во контекст на евроинтеграциите на Македонија, а не на членството во ЕУ како стратешка определба.

П.Р.


1. Етничката линија се идентификува како различна перцепција при одговорите и во резултатите – „францускиот предлог“ не се доживува на ист начин кај Македонците и кај Албанците

Ако постои една димензија што заслужува посебно внимание, тоа е етничката структура на одговорите. Кај испитаниците што се изјасниле како Македонци, противењето за „францускиот предлог“ достигнува 63 отсто, додека истиот тој го поддржуваат само 19 отсто. Интересно е што кај испитаниците од албанска националност, сликата е речиси обратна: 39 отсто го поддржуваат предлогот, а 34 отсто се против него. Ова е една од најголемите разлики во целата табела на истражувањето во која имавме увид. Имено, за испитаниците од македонската заедница, односот меѓу противењето и поддршката е повеќе од три спрема еден. Кај албанските испитаници, пак, поддршката е поголема од противењето.
Разликата од 29 процентни поени во поддршката меѓу двете групи, односно 29 процентни поени во спротивна насока кај противењето, укажува дека прашањето за францускиот предлог не се доживува на ист начин во двете најголеми етнички заедници. Во врска со резултатите од истражувањето, одговор на некои прашања побаравме од наш соговорник од Шведска, правник и аналитичар.
– Ова е интересен показател за различните приоритети и перцепции што постојат во македонското општество. За дел од македонските граѓани, кои се припадници на македонскиот мнозински народ, суштината на спорот со Бугарија е тесно поврзана со прашањата за националниот идентитет, јазикот, историското наследство и стравот од нови условувања на европскиот пат. Од друга страна, за дел од македонските граѓани, односно меѓу албанските испитаници, припадници на албанското малцинство, повисоката поддршка за францускиот предлог може да укажува на поголема попустливост за идентитетските прашања поврзани за Македонците, и подготвеност условите испорачани во францускиот предлог, да се третираат како уште еден компромис низ призмата на европската интеграција и очекуваното забрзување на процесот. Сепак, овие се можни објаснувачки рамки, а не докажани мотиви, бидејќи бројките од табелата ги регистрира ставовите, но не ги испитува причините поради кои граѓаните ги формирале. Се разбира дека јас ја знам причината, но не сакам длабоко да навлегувам во експликација што излегува во поширок контекст. Да продолжам… Особено е интересна категоријата „останати“, во која 22 отсто го поддржуваат предлогот, 64 отсто се против, а 15 отсто не одговориле. Овој резултат покажува дека негативниот однос не е ограничен само на македонската етничка група. Но гледано отстрана, мене политичкиот ризик ми е препознатлив, во моментот кога едно прашање од висок национален интерес произведува толку различни ставови меѓу етничките заедници, постои опасност од дополнително продлабочување на меѓусебното неразбирање… Но да не прејудицирам. Наместо да биде предмет на заедничка стратегиска дебата, европската интеграција може да стане уште една линија на политичко и меѓуетничко разграничување – вели шведски аналитичар, кој на наше барање објективно се осврна на податоците од истражувањето.

П.Р.


2. Генерацискиот јаз: Колку е постар испитаникот, толку е поголемо противењето на францускиот предлог

Вториот интересен аспект што го открива нашиот соговорник аналитичар од Шведска во врска со табелата е генерациската разлика. Кај младите од 18 до 29 години, противењето на францускиот предлог изнесува 47 отсто, додека поддршката е 26 отсто. Кај групата од 30 до 49 години, противењето расте на 53 отсто, а поддршката се намалува на 23 отсто. Кај граѓаните на возраст од 50 до 64 години, противењето достигнува 60 отсто, додека кај највозрасната група, над 65 години, се искачува на дури 66 отсто.
– Ова е речиси линеарен тренд. Со зголемувањето на возраста расте и негативниот однос кон предлогот. Разликата меѓу најмладите и највозрасните е 19 процентни поени во противењето. Овој податок заслужува посериозно толкување. Може да се претпостави дека различните генерации различно го доживуваат компромисот со Бугарија. Постарите генерации имаат подолго историско и политичко искуство/паметење со македонско-бугарските односи, додека кај помладите може да постојат поинакви приоритети поврзани со мобилноста, патувањата, пасошите и европските можности… Но особено е важно што ниту кај младите нема мнозинска поддршка за предлогот. Дури и во групата што најчесто се поврзува со поголема ориентација кон европските перспективи, противењето е значително повисоко од поддршката. Тоа, пак, ја проблематизира тезата дека отпорот кон т.н. француски предлог е исклучиво производ на постари, традиционални или историски условени политички ставови. Постои уште еден важен детаљ. Имено, кај младите, 26 отсто не дале одговор. Кај највозрасните, овој процент се спушта на 11 отсто. Ова може да значи дека младите се помалку определени или помалку заинтересирани за конкретното политичко прашање, но табелата сама по себе не дозволува да се утврди дали причината е недоволна информираност, политичка дистанца или нешто друго. Во секој случај, младите се помалку негативни од повозрасните, но не се ни убедливо на страната на поддршката – вели нашиот соговорник аналитичар.

П.Р.


3. Родовиот аспект на истражувањето „за или против францускиот предлог“

Нашиот соговорник аналитичар обрна внимание и на резултатите според полот. Тој истакнува дека кај мажите, поддршката за предлогот изнесува 30 отсто, а противењето 56 отсто.
– Кај жените, поддршката е значително пониска и изнесува 18 отсто, додека противењето е речиси идентично – 57 отсто. Тоа значи дека разликата меѓу мажите и жените не е толку во нивото на противење колку во нивото на поддршка. Жените се за 12 процентни поени помалку склони да го поддржат предлогот. Истовремено, кај нив неодлучноста или неодговарањето е значително повисоко, имено 24 отсто наспроти 14 отсто кај мажите. Ова е интересен наод затоа што покажува дека речиси идентичното ниво на противење не значи и идентична структура на политичките ставови. Кај мажите постои поголема концентрација на определени одговори, додека кај жените е позначајно присуството на испитаници што не се изјасниле. Причините за ова не можат да се утврдат само од табелата, но разликата отвора простор за дополнителна анализа на политичката информираност, интересот за надворешната политика и начинот на кој различните групи ги оценуваат меѓународните договори – анализира нашиот соговорник од Шведска.


4. Урбано-рурален аспект на резултатите од истражувањето

Една од најинтересните разлики на истражувањето, според шведскиот аналитичар, се појавува меѓу урбаното и руралното население.
– Во урбаните средини, поддршката за францускиот предлог изнесува 19 отсто, додека противењето е 61 отсто. Во руралните средини, поддршката е значително повисока – 32 отсто, а противењето е 50 отсто. Тоа е разлика од 13 процентни поени во поддршката и 11 процентни поени во противењето. Овој резултат е значаен затоа што ги релативизира вообичаените претстави дека урбаното население автоматски е повеќе наклонето кон меѓународни компромиси и европски интеграции. Во конкретното истражување, урбаното население покажува поизразено противење. Можно е во урбаните средини да има поголема концентрација на политички активни граѓани, лица изложени на медиумски дебати и испитаници што го доживуваат прашањето како директно поврзано со националните и идентитетските интереси. Но и овде треба да се избегне генерализација. Не знаеме дали разликата произлегува од етничката структура на урбаните и руралните средини, образованието, политичката ориентација или од други фактори. Она што со сигурност може да се каже е дека противењето не е само урбана или само рурална појава. Присутно е во двете средини, но со различен интензитет – анализира аналитичарот.


5. Регионална мапа и аспекти на истражувањето: Истокот на Македонија е најкритичен, а северозападот најнаклонет кон поддршка за француската рамка

Регионалната анализа дополнително го прави интересен аспектот на една интегрална анализа на истражувањето, вели нашиот соговорник, осврнувајќи се и на регионалното мапирање на истражувањето.
– Во Скопскиот Регион, 58 отсто од испитаниците се против предлогот, 22 отсто го поддржуваат, а 20 отсто не одговориле. Во Северозападниот Регион, противењето е најниско и изнесува 43 отсто, додека поддршката е највисока – 30 отсто. Дополнителни 26 отсто не се изјасниле. Во Југозападниот Регион, противењето изнесува 58 отсто, поддршката 26 отсто, а не одговориле 16 отсто. Најизразено противење има во Источниот Регион, каде што дури 65 отсто од испитаниците го отфрлаат францускиот предлог. Поддршката таму изнесува само 20 отсто. Разликата меѓу Источниот и Северозападниот Регион во противењето е дури 22 процентни поени. Ова е политички важен показател. Северозападниот Регион се издвојува со највисока поддршка, додека истокот со највисоко противење. Регионалните разлики веројатно се поврзани со повеќе фактори. Силно верувам дека во прашање се етничката структура, локалните политички традиции, економските очекувања, демографијата и различните перцепции за придобивките и ризиците од компромисот со Бугарија. Особено внимание заслужува високото противење во источниот дел на земјата. Тоа покажува дека негативниот став не е ограничен само на Скопје или на политичките и интелектуалните центри. Сепак, регионалните резултати не треба автоматски да се толкуваат како регионални политички идентитети. За таков заклучок би биле потребни дополнителни податоци – анализира аналитичарот од Шведска.

П.Р.


6. Образованието како аспект од истражувањето не ја менува суштински сликата

– На прв поглед, образовната структура покажува одредени разлики. Кај испитаниците со основно и пониско образование, поддршката изнесува 25 отсто, а противењето 57 отсто. Кај оние со средно образование, поддршката е 20 отсто, додека противењето 58 отсто. Кај високообразованите, поддршката е највисока – 29 отсто, а противењето е најниско – 54 отсто. Иако високообразованите покажуваат нешто поголема наклонетост кон предлогот, ниту во оваа група поддршката не е доминантна. Разликите се релативно умерени, особено во споредба со етничките и регионалните разлики. Ова е важен наод бидејќи сугерира дека противењето на францускиот предлог не може едноставно да се објасни со образовниот статус на граѓаните. Прашањето очигледно ги надминува границите на класичната поделба меѓу пообразовани и помалку образовани граѓани. Вреди да се забележи и статистичката забелешка во табелата: за образованието е наведена вредност 0,06 во редот „сиг“. Ако ова е p-вредност, тогаш разликите според образованието не би биле статистички значајни на вообичаеното ниво од пет проценти. Тоа би значело дека образовните разлики треба да се толкуваат со дополнителна претпазливост – вели соговорникот.

П.Р.


7. Неодлучните 19,5 отсто: Тивка, но важна политичка категорија

Нашиот соговорник го поставува и прашањето зошто речиси една петтина од испитаниците не се изјасниле, обрнувајќи внимание дека овој процент не смее да се третира како статистички безначаен остаток.
– Сметам дека овој показател од истражувањето исто така е многу битен елемент на истражувањето. Кај жените не одговориле 24 отсто, кај младите 26 отсто, а во Северозападниот Регион 26 отсто. Кај највозрасните се само 11 отсто. Оваа група може да содржи различни категории граѓани, како што на пример би можело да бидат недоволно информирани граѓани, политички незаинтересирани, неодлучни, скептични кон понудените одговори или граѓани што не сакаат јавно да се определат за чувствително национално прашање. Не е можно сите овие луѓе да се прогласат за потенцијални поддржувачи или, пак, противници. Но нивното присуство покажува дека политичката дебата за францускиот предлог не успеала да ги вклучи сите граѓани во јасно артикулирана позиција. Од политички аспект, ова е простор во кој јавната комуникација, аргументацијата и довербата во институциите сѐ уште можат да имаат значајна улога и треба да се обрне битно влијание на ова – длабоко анализира нашиот експерт соговорник.

П.Р.


Што, според нашиот соговорник, експерт и аналитичар од Шведска, најмногу индицира ова истражување за европската перспектива?

– Најголемата грешка во читањето на овие резултати би била тие да се сведат на едноставна поделба на граѓаните на проевропски и антиевропски. Истражувањето не го мери односот кон Европската Унија, туку поддршката за конкретен предлог за надминување на спорот со Бугарија. Тоа е суштинска разлика. Граѓанин може силно да ја поддржува европската интеграција, но истовремено да го отфрла конкретниот начин на кој се предлага таа да се реализира. И обратно, поддршката за францускиот предлог не мора автоматски да значи дека испитаникот ги прифаќа сите негови политички, историски и уставни импликации. Токму затоа, резултатите треба да се читаат како мера за општественото прифаќање, поточно неприфаќање на конкретен политички предлог. Точно дека огромното мнозинство покажува компактност по основата и битието на прашањето, но тоа не значи дека граѓаните референдумски се изјасниле против интеграцијата во ЕУ. Ова покажува дека нема поддршка за конкретниот модел понуден од Париз, Софија или од Брисел, односно дека ваквото решение е неприфатливо за граѓаните во Македонија. Сепак, постои една сериозна политичка импликација што побрзо треба да биде решена, а тоа е дека спорот со Бугарија ризикува да создаде долгорочна политички антагонизам со актуелен Брисел, па дури и нестабилност на оние што го претставуваат ставот на граѓаните пред институциите на ЕУ. Европската интеграција не е само дипломатски процес. Таа бара внатрешниот легитимитет да биде претставен соодветно во меѓународните институции, да се бара перманентна поддршка во името на држави, влади и меѓународни институции со аргументите на меѓународното право што навистина францускиот договор, па и Преспанскиот договор го прават ништовен, но реалноста е таква и многу сурова. И на крајот, освен индивидуална поддршка за националните политики, треба да се зајакне и довербата во институциите, како и чувството кај граѓаните дека обврските преземени пред доаѓањето на власт навистина ќе се исполнат и ќе бидат долгорочно одржливи – анализира нашиот соговорник.

П.Р.

The post Македонија референдумски ПРОТИВ францускиот предлог appeared first on Нова Македонија.